Најмногу за три месеци, околу една година од поставувањето на камен-темелникот, во тетовското село Требош ќе почне да работи првата биогасна централа во Македонија која од отпад и ѓубре ќе произведува електрична енергија. Истовремено и отпадот кој ќе се добива по производството на биогас повторно ќе се преработува во висококвалитетно биоѓубре кое ќе биде првенствено наменето за извоз. А по завршување на оваа фаза како единствен остаток ќе биде чиста дестилирана вода која исто така ќе се продава. Со ова, живинарската фарма „Везе Шари“ која е инвеститор на изградбата на биогасната централа целосно ќе го заокружи производниот процес. Од еднодневни пилиња, сопствена мелница за храна за живината, преку производство на јајца и преработка на живинско месо во сувомесни производи под лиценцата „Лекер“, да се дојде до искористување на изметот од пилињата и отпадоците при колењето во производство на струја и добивање висококвалитено биоѓубриво за одгледување цвеќиња и воопшто за градинарството.
Најмногу за три месеци, околу една година од поставувањето на камен-темелникот, во тетовското село Требош ќе почне да работи првата биогасна централа во Македонија која од отпад и ѓубре ќе произведува електрична енергија.
Истовремено и отпадот кој ќе се добива по производството на биогас повторно ќе се преработува во висококвалитетно биоѓубре кое ќе биде првенствено наменето за извоз. А по завршување на оваа фаза како единствен остаток ќе биде чиста дестилирана вода која исто така ќе се продава. Со ова, живинарската фарма „Везе Шари“ која е инвеститор на изградбата на биогасната централа целосно ќе го заокружи производниот процес. Од еднодневни пилиња, сопствена мелница за храна за живината, преку производство на јајца и преработка на живинско месо во сувомесни производи под лиценцата „Лекер“, да се дојде до искористување на изметот од пилињата и отпадоците при колењето во производство на струја и добивање висококвалитено биоѓубриво за одгледување цвеќиња и воопшто за градинарството.
- Речиси 95 отсто од бетонскиот дел од работите веќе се завршени, имаме и 50 отсто од потребната опрема, а преостанатиот дел е нарачан и очекуваме да пристигне наскоро. Во меѓувреме се монтира тоа што е веќе тука, така што имаме зацртано за 10 недели сите работи да бидат завршени и да се почне со преработка на ѓубрето - вели Арбен Абдурахмани, сопственик на живинарската фарма „Везе шари“ и на новата фирма „Еко шари“, која има лиценца за производство на струја од биогас по повластени цени.
Се работи за централа со инсталиран капацитет од 999 киловати, која годишно ќе произведува 7,95 милиони киловат-часови електрична енергија, а за тоа дневно ќе троши 50 тони ѓубре.
Извоз на биоѓубриво
За потребната суровина, компанијата веќе има договори со одредени краварски фарми, винарници, фабрики за преработка на млеко, а тука е и отпадот од самата фарма и тој што останува од колењето на пилињата.
- Да се обезбеди отпад воопшто не е проблем, бидејќи многу компании не знаат што да прават со него. Нам секако ни одговараат тие што ни се поблиску, бидејќи транспортот е на наш товар. Некои од нив одвај чекаат да почнеме со работа. Еве, на пример, во наша близина има капацитет за преработка на млеко и производство на млечни производи. Тие чекаат да почнеме да работиме за да ги спасиме од сурутката што се јавува како нуспроизвод и со која не знаат што да прават. Ја испуштаат во река или по полиња и целата околина смрди, па жителите реагираат - објаснува Абдурахмани.
Во кругот на живинарската фарма „Везе шари“ на изградбата на биогасната централа се работи интензивно. Ако есеноска кога го посетивме објектот, имаше само бетонски ѕидови за делот каде што ќе се складира отпадот, сега се издигаат 6 ферментатори, платформи, испусти и одводи, како и зградата во која во долниот дел ќе биде сместен генераторот и другата опрема потребна за трансформација на биогасот во струја, а во горниот дел опремата за добивање на биоѓубрето.
Kомпостот ќе биде со висок квалитет и германскиот партнер на Абдурахмани кој е сопственик на 51 отсто и од живинарската фарма, од капацитетот за сувомесни производи и сега од биогасната централа, одвај чека да се почне со негово производство бидејќи постојат големи можности за пласман на компост на германскиот пазар. При негово производство за процесот на сушење ќе се користат 1,3 мегавати топлинската енергија која како нус производ ќе се добива од биогасната централа.
Во делот за производство на струја веќе е пристигнат осум тони тешкиот генераторот и друга опрема чија монтажа е во тек, а се очекува наскоро да пристигне и онаа за производство на биоѓубривото.
- Временските услови зимоска ни се погодија така што поради благата клима и сувото време, можевме непречено да работиме на градежниот дел. Мало пролонгирање од планираното имаме кај испораката на опремата и тоа токму кај таа за која мислевме дека брзо ќе ја набавиме. Излезе дека мораме повеќе да чекаме на испораката од планираното, така што наместо во јуни како што првично планиравме, очекуваме со производство да почнеме во август, односно за една година од кога поставивме камен-темелник - вели Абдурахмани.
Значителна инвестиција
Целата инвестиција во која влегуваат биогасната централа и капацитетот за производство на биоѓубре се очекува да изнесува околу 6 милиони евра. Абдурахмани објаснува дека изградбата на една модерна биогасна централа со капацитет од 1 мегават чини околу 3 милиони евра. Меѓутоа ако се гради само еден ферментатор. Во случајов во „Еко шари“ се одлучија да изградат шест објекти, бидејќи така се обезбедува поголема сигурност во работата. Односно, ако има само еден ферментатор и ако настане некаков проблем, би требало да се запре со целото производство. Вака тоа во ниту еден момент нема да се случи. Изградениот капацитет всушност е и поголем од она што е потребно за толкаво производство на струја за колку е добиена дозвола од Регулаторната комисија за енергетика.
- Направивме поголем објект затоа што можеби во иднина ќе го зголемиме производството на електрична енергија што ќе зависи од нејзината цените во иднина. Ако има големи скокови ќе почнеме со производство за свои потреби, или можеби и за продажба на слободниот пазар. За да дојдеме до тоа ќе биде потребно да набавиме уште еден генератор и друга опрема и ќе можеме да го дуплираме производството- истакнува тој.
Абдурахмани, кој на 16 години заминал за Германија, каде што последните седум години од претстојот работел во живинарската фарма на неговиот сегашен партнер, вели дека откако почнале со производство проблемите кои се појавувале ги решавале со нови инвестиции. Па така, кога требало да се врши замена на кокошките несилки како проблем се јавило што да се прави со нив. И тогаш било решено да се инвестира во погон за преработка на пилешко месо и добивање сувомесни производи. На крајот како проблем се појави - што со отпадот, а сега и за тоа е најдено решение. Со ова полошкиот регион ќе добие објект кој е чистач на животната средина и кој многу ќе придонесе да се отстрани загадувачкиот и непотребен отпад со кој не се знае што да се прави.
Се градат уште четири нови биогасни централи
Според податоците од Регулаторна комисија за енергетика целокупниот капацитет за изградба на биогасни централи е искористен. Државата определи дека ќе субвенционира по повластени цени струја добиена од биогасни централи со вкупна моќност од 7 мегавати. Покрај централата во Требош, деновиве беше поставен камен темелник за уште една централа за биогас од 1 мегават во Kичево, а покрај нив решенија за привремен статус на повластен производител имаат и три централи во пелагонискиот регион, од кои две со капацитет од околу 2 мегавати и една од 1 мегават.